Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Thursday, December 18, 2014

КК Вардар како дел од спортското друштво Вардар

Кошаркарскиот клуб Вардар е формиран во истата 1947 година кога е формирано нашето спортско друштво, како негова кошаркарска секција. КК Вардар е најстариот кошаркарски клуб во Македонија, но и како таков се смета за сираче на нашето спортско друштво, со оглед на тоа што повеќето од фановите на ФК Вардар, во кошарка имаат симпатии кон градските ривали Работнички и МЗТ Скопје. Добро е што во последниве години се направи дистинкција меѓу Комити и двете кошаркарски навивачки групи и сега одвај на прсти се бројат Вардаровите фанови кои на кошарка навиваат за клубови различни од ФК Вардар.  Во овој пост, паралелно ќе дискутираме и за навивањето на мечевите на КК Вардар, како и за успесите на овој клуб.

Да напоменеме дека ние не сме некакви овластени претставници на СД Вардар, туку само фанови на спортското друштво, па немаме голема достапност до информации, освен она што го знаеме самите од искуство или пак што можеме да го дознаеме со пребарување.
За време на Југославија, Вардар нема настапувано во првата кошаркарска лига. Единствени два тимови кои биле дел од нејзе се попознатите Скопски клубови Работнички (со 18 настапи) и МЗТ Скопје (со 2 настапи). Трет клуб кој настапувал во првата лига на екс Југославија е КК Македонија, тим кој оставаме простор да потекнувал од спортското друштво Македонија, од кое и настанало нашето спортско друштво Вардар.
Во периодот пред распадот на Југославија, Работнички и МЗТ го имале зачетокот на нивното ривалство, откако се сретнале во првата лига на Југославија, како два ривали од ист град.
Комити Скопје како навивачка група формирана само неколку години претходно, навивачка група во експанзија, бара начин како да се афирмира што повеќе, па била донесена одлука во кошарка да му се даде поддршка на најпознатиот клуб од Скопје и Македонија, екипата на КК Работнички. Потег кој во иднина се покажува како многу погрешен, но за тој период се гледало само како на начин на што е можно поголема афирмација на групата, со оглед на тоа што Работнички играл и надвор од рамките на Македонија.
Паралелно, некои подгрупи на Комити како Сервис Кру, му даваат поддршка на ривалот МЗТ Скопје. По осамостојувањето на Македонија, Работнички го менува името во Го(це)Дел(чев) Работнички, Комити го гледаат клубот како поголем национален симбол од МЗТ и ја продолжуваат поддршката на неговите мечеви. МЗТ во тие години важи за клуб кој е бодрен од подгрупа на Комити, како и населението од Аеродром кое воглавно во фудбал навивало за Српските клубови. Иако на мечевите на двете екипи имало големо ривалство на трибините, се се заборавало откако истите луѓе заедно навивале на мечевите на ФК Вардар.
Каде е КК Вардар во овие години?
Во овие сезони Вардар нема значајна улога во Македонската кошаркарска лига и се натпреварува во пониските лиги. Конечно во сезоната 1996/97 (според некои информации) клубот успева да влезе во првата кошаркарска лига. До оваа сезона Комити со свои транспаренти го бодрат Годел Работнички, а водачите на навивачите на Работнички и на МЗТ се всушност водачи на Комити во фудбал. Во оваа сезона се формира навивачка група Сити Парк Бојс кои продолжуваат да го бодрат КК Работнички, а на местото на Пирамида се формира навивачката група Фемили Аеродром која продолжува да го бодри КК МЗТ Скопје.
Ова наидува на револт кај подгрупа на Комити која низ историјата важи за една од најтврдокорните и подгрупа која секогаш се декларира како 100% Вардар.

Истата година, на мечот Вардар-Деликатес Кочани, на трибините се појавуваат Комбат 87 и почнуваат со поддршката на КК Вардар. Поддршката трае три-четири години. КК Вардар ниту во тој период не забележува значајни резултати на Македонската кошаркарска сцена и успева да отпадне од првата лига, но и да се врати во истата. Во овој период му се дава солидна поддршка на нашиот кошаркарски клуб, особено на домашните мечеви, иако бројноста на навивачите никогаш не била огромна, туку помеѓу 40 и 80 луѓе. Во 2001 година бројноста се намалува поради недоразбирање со управата,

КК Вардар мечевите ги игра на различни места, во зависност од слободните термини. Како домашна сала се води салата Расадник во Кисела Вода, но по потреба клубот игра мечеви и во Кале, Градски Парк и во салата Јане Сандански.
Со почетокот на новиот милениум доаѓаат и најдобрите години во историјата на КК Вардар.

Сезоната 2001/02 клубот ја завршува на седмата позиција. Под палката на Марјан Лазовски, клубот успева да заврши прв од четири екипи кои се натпреваруваат во плеј аутот.
За екипата на Вардар во оваа сезона настапуваат Лазовски, Саздов, Трајковски, Даниловски , Поповски , Петрушев, Димитриевиќ , Благоевиќ, Ефтимов, Совковски, Апостолов и Петковиќ.

Во сезоната 2002/03 Вардар добива нов спонзор, а со тоа и првата промена на своето име. Клубот го менува името во Вардар Империјал, а ресторанот Империјал е новиот спонзор по чија палка клубот го достигнува своето прво полуфинале во историјата.
Само кош ги дели Вардар од првото финале, меѓутоа на мечот во Струмица против Поло Трејд, губат со два разлика и Струмичани се тие кои ја добиваат честа да се натпреваруваат за титулата. Во оваа сезона Вардар е предводен од Мираковски, Совковски и Кралевски, додека тимот од клупата го води тренерот Ацо Тодоров.
Боите на Вардар ги бранат Јончевски, Ѓорѓиевски, Ѓорѓиески, Петровски, Кралевски, Апостолов, Мираковски, Гоцевски, Совковски, Михајловски и Петковиќ.

Во сезоната 2003/04 Вардар одново стигнува само до полуфиналната серија, но во истата е поразен од МЗТ Скопје со 4-1 во партии. Составот е сличен како и во претходната, а на клупата седи Марјан Лазовски.
Нешовски, Ѓорѓиевски, Михајловски, Петровски, Кралевски, Апостолов, Мираковски, Гоцевски, Софковски, Даскаловски, Цветниќ, Батук.
Притоа, во оваа сезона во клубот како спонзор влегува и Вардар Осигурување, односно фамилијата Клопчевски.
Стојан Клопчевски во иднина помага да се догради малата сала Кале каде што КК Вардар ги игра сегашните натпревари, станува претседател на СД Вардар, а на ѕидот на Кале се поставува и таблата која ги покажува сите секции на СД Вардар.

Вардар добива поддршка од помлади членови на Комити, како и од некои постари, членови кои не се поврзани со Комбат 87 кои првично го почнале навивањето на КК Вардар.
Сепак тоа трае кратко и останува само на сезона-две.

Конечно, во сезоната 2004/2005 КК Вардар стигнува до едно финале. Не само што учествува во финалето на првенството, туку е учесник и на куп финалето.
Во финалната првенствена серија, Фершпед Работнички слави со 4-2.
Во финалето од купот Вардар може да жали што не дојде до својот прв кошаркарски трофеј, откако во завршницата одиграна во големата Кале успеа да прокоцка водство, Мираковски како најдобар поединец во екипата промаши клучни слободни, па Фершпед Работнички минимално триумфираше со 73-71.
Ѓуровски, Ѓорѓиевски, Соколов, Наумовски, Кралевски, Грнчаров , Мираковски, Гоцевски, Стојанов, Даскаловски, Аврамовски и Батук се момците кои предводени од Марјан Лазовски не успеаа да стигнат до првиот трофеј на КК Вардар.

Сезоната 2005/2006 носи реприза на претходната сезона. Уште едно двојно загубено финале против Фершпред Работнички. Вардар дури и поведе во финалната серија со победа во Градски Парк, но на крај загуби со 4-1.
Финалето во купот беше уште понесреќно загубено од претходното, Вардар влезе во последната четвртина со предност од цели 14 поени. Со лоша игра во последната четвртина искусните играчи на Работнички дојдоа до водство од три поени, но Вардар преку тогаш младиот Дарко Соколов имаше шанса да израмни откако на седум секунди до крај имаше три слободни фрлања. Сепак доволно беше промашувањето во второто слободно, за титулата да замине во неповрат. МВП на мечот одигран во Струмица беше Огнен Стојановски, братот на Војдан и Дамјан, репрезентативците на Македонија кои потекнуваат токму од школото на КК Вардар. Во оваа сезона за прв пат се дел од сениорскиот клуб на КК Вардар, но не добиваат значајна улога.


Носители на тимот се Соколов, Грнчаров, Кирил Павловски и Филип Кралевски. Под палката на Марјан Лазовски, црвено-црните бои ги бранеа Саздов, В. Стојановски, Соколов, Аврамовски, Кралевски, Грнчаров, Д. Стојановски, Стефановски, Крстевски, Даскаловски, Стојанов и Павловски. 

Конечно после 2 финалиња во првенството и во купот, Вардар доаѓа до својот прв трофеј во сезоната 2006/07. Под името Вардар Осигурување, нашите момчиња во финалето на купот во Битола, ја совладаа Струмица со 73-66 и заслужено дојдоа до единствениот трофеј во историјата на КК Вардар.
Првата титула останува запишана зад името на тренерот Марјан Лазовски, а хероите на Вардар беа интернационалецот од Доминиканската република, Карлос Морбан кој беше откритие на сезоната, искусниот Перо Блажевски, Самарџиев, Ѓуров, Павловски и Енес Хаџибулиќ. Во првенството Вардар го заврши настапот во полуфиналето.




Тука некаде завршуваат златните години во КК Вардар. Вардар Осигурување го намалува спонзорството, па во клубот останува само Перо Блажевски, а шанса добиваат младите Марко Симоновски, Ивица Димчевски како и Бојан Крстевски, играчи кои произлезени од школото на КК Вардар сега играат солидна улога во првенството на Македонија.
Клубот сезоната 2007/2008 ја завршува како седмопласиран од девет екипи и едвај успева да се спаси од испаѓање.

Конфликтот меѓу Вардар Осигурување и Воиновски, претседателот на КК Вардар прераснува во голема битка која води кон заминување на спонзорот Осигурување, кои си формираат свој тим во втората кошаркарска лига, додека Вардар под името Вардар 2000 продолжува да се натпреварува во првата лига. Новоформираниот Вардар Осигурување игра во дресови со сосема различна боја од Вардаровите бои, успева да дојде и до финалето на првенството, но овој клуб нема никаква врска со СД Вардар. Дури успеваат и да направат своја навивачка група, Гробари Бутел која навива едвај на неколку мечеви.

КК Вардар нема поддршка 3-4 сезони, за конечно во сезоната 2008/2009 иако клубот е на слабо рамниште, да добие поддршка од помлади членови на Комити, кои под името Комбат навиваат на кошаркарските мечеви во текот на целата сезона. Одработени се гостувања во Свети Николе и во Градски Парк, а за гостувањето кај Работнички имаше посебна пофалба во весникот Македонски Спорт, каде што Комбат беа карактеризирани како најсветлата точка на Вардар во таа вечер.

Ете едно видео со послаб квалитет кое ќе ја долови забавата во Градски Парк. Во овој период се пее и песната "Ни Работнички, ни МЗТ, само напред Вардаре, ти си еден единствен, ти си прв и последен", песна која треба да му биде водечки пример на секој навивач на ФК Вардар.
Вардар сезоната 2008/09 ја завршува на седмата позиција, и само за една победа не успева да влезе во плејофот. Причина за тоа се двата порази од главниот конкурент Овче Поле. Во Кале таа сезона падна МЗТ, како и Пелистер во натпревар во кој Вардар губеше со 20-тина поени разлика, но на крилата на навивачите успеа да направи целосен пресврт, па дури и да слави со поголема разлика.

Поддршката на КК Вардар одново престанува за наредната сезона, а клубот после десетина сезони во првата лига на крајот испаѓа од истата. Сезоната 2009/2010 Вардар ја завршува како последно пласиран, односно како деветти после откажувањето на Амак СП. Таа сезона се одржува мини плеј-аут лига во која Вардар одбива да игра против МЗТ и службено го губи гостинскиот меч. Имено, челниците на Вардар бараат одложување на мечот поради болест на 6 играчи, но комесарот на натпреварувањето го одбива барањето по што КК Вардар 2000 не се појавува на теренот, по што освен службениот пораз, заработува и казна од -1 поен. На Вардар му недостасуваше само една победа да обезбеди опстанок, но го загуби клучниот меч против Плејмејкер Кубус во Кале. Интересно, во моментите по откажувањето на Амак СП од лигата, Охриѓани бараат враќање во истата, но Вардар гласа против обвинувајќи ги за кражба на браќата Стојановски. Војдан и Дамјан беа дадени на 6 месечна позајмица, но истите претојот го продолжиле на уште една година и според управата на нашиот тим, тоа било нерегуларно направено. Да напоменеме дека голем дел од мечевите Вардар ги загуби доста несреќно со минимална разлика, воглавно направена во последните секунди од натпреварите. 

Сезоната 2010/2011 Вардар ја минува во втората лига, каде што експресно успева да се пласира назад во елитата со 16 победи на 16 мечеви. Тимот составен од Дарко Радуловиќ, Филип Кралевски, Александар Штерјов, Стефановски, Лефковски, Костески, Пајиќ и Ангел Тасевски нема конкуренција во втората лига, па во наредната сезона истите играчи добиваат шанса да играат во првиот тим. Вардар во тие години доминира во младинската кошарка и успева да ги освои трофеите во сите младински конкуренции. Дел од играчите од младинците се префрлени во првата екипа. 

Во сезоната 2011/2012 МКФ воведуваат правило дека во првото полувреме секој тим мора да има барем по еден младинец на теренот, правило кое највеќе му одговара на Вардар, тим составен исклучиво од млади кошаркари и неколку поискусни. Токму поискусните Радуловиќ, Штерјов, Кралевски, Владимир Георгиевски и Тасевски му носат одлични резултати на Вардар на стартот од сезоната. Вардар одбива да го игра првиот меч против Работнички, бидејќи Центарци немаа платено котизација и го добива истиот со службени 0-20. Вардар е доминантен во првото полувреме од натпреварите, но за жал во второто полувреме во кое не важи правилото за младинците, ги губи мечевите во последни моменти. Дел од водачите на Комбат, но истите кои и во 1997 навивале на кошарка, успеваат да соберат помлада екипа и да почнат да му даваат поддршка на КК Вардар. За прв пат се појавуваат на мечот Вардар-Работнички во ноември 2011 година. Трилер меч кој одново имаше несреќен крај за нас. Вардар водеше во текот на целата последна четвртина, за на крај да загуби несреќно со само еден поен разлика и со доста сомнителни одлуки на судиите. Од тогаш до сега, Комбат прераснуваат во верна сенка на КК Вардар, но исклучиво на домашните мечеви. Нивната бројка со текот на времето се зголеми од 20-тина на 60-тина луѓе, но за почеток е одлично што постојат млади луѓе во Скопјево на кои КК Вардар им е единствениот кошаркарски клуб. Вардар не успева да влезе во суперлигата, и како седмопласиран иде во плеј аутот, во кој само го зацементира претходното седмо место.
Тренер на екипата е Борче Даскаловски, а вреди да се напомене дека откако ја загуби шансата за суперлигата, Вардар ги даде на позајмица своите двајца најдобри кошаркари. Радуловиќ замина во Фени, додека Штерјов го засили МЗТ Скопје.

После неколку сезони, за прв пат во сезоната 2012/2013 Вардар се засилува со неколку странци во составот. За тимот потпишува центарот од Србија, Драган Керкез, а тука е и Дарко Ѓуриќ, за подоцна да потпише и Владимир Гајовиќ. Вардар мечевите ги почнува со подмладен состав, со една нова младинска шампионска генерација, предводена од Лазаревски, Ивановиќ и Пајиќ. Тука е и Дарко Костески кој истотака игра одлично под кошевите. Предводник на екипата е Бране Андриевски, заедно со помошниците од младинските школи, Дарко Крстиќ и Владимир Мирковски. Вардар и во оваа сезона се натпреварува во плеј аутот заедно со Струмица и Пелистер и клубот за жал отпаѓа поради разни партиски шеми. Струмица по партиска линија му го попушта мечот на Пелистер, по што Вардар остана без шанси уште во претпоследното коло, иако претходно победија во Битола, но загубија во Скопје од Пелистерци. Последниот меч е само ревијален, а како за крај и Струмица се радува на победа во Кале. 


Поддршката на Комбат не стивнуваше. Групата која доживуваше подем се подготвуваше да навива во втората лига на стартот од сезоната 2013/14, но од нашиот табор стигнаа други вести. Имено, КК Апаве во претходната сезона успеа да влезе од втора во прва лига. Двата клуба решија да ги спојат своите младински школи, меѓутоа да си постојат два клуба кои ќе настапуваат регуларно во првата и во втората лига. Но, на мечот од првото коло меѓу Вардар и Водњански Лисици, делегатот не дозволува да почне мечот, бидејќи Вардар е обвинет дека нема играчи, бидејќи сите играчи се регистрирани во Апаве или на име Вардар 2000, клубот кој за МКФ повеќе не постои. Од управата на Вардар има негодување дека КФМ сака да го уништи нашиот клуб и ја продолжува војната воглавно со нашиот претседател Воиновски. Од нашиот табор велат дека нема никакво фузирање со Апаве, туку КК Вардар само го превзема спортското право на КК Вардар 2000 кој отпаднал од лигата. И покрај се, КФМ не му дозволува на Вардар да се натпреварува во лигата, по што се КК Апаве станува КК Вардар Апаве и единствен клуб во кој ќе се насочат сите сили на управата. Да нема забуни, истите луѓе се и во Вардар и во Вардар Апаве, немаше никаква разлика меѓу нив, а планот беше помладите играчи да играат во втора лига, додека поискусните во прва, па тимот да се спои во еден од следната сезона. Во првата лига Вардар одново добива поддршка од Комбат. За жал тимот игра слабо и ги губи поголемиот дел од мечевите. Клубот е составен од Ѓорѓи Кочов како предводник на екипата, Костески и повратникот Кралевски под кошевите, младите Лефковски, Лазаревски, Пајиќ, Ивановиќ, Начевски па и Мекиќ, Милорад Миновски, Васиљевиќ кој веќе имаше настапувано за Работнички и Тируфновски кој истотака е дете на нашиот клуб. Од странците тука беа Гајовиќ и Ѓуриќ од последната сезона. За жал, на мечот со Работнички во Градски парк, Ѓуриќ заработува тешка повреда по која го напушта клубот. И покрај поразите, се забележува огромна хемија меѓу навивачите на клубот и играчите. Салата е константно добро исполнето, Вардар добива одлична поддршка иако тоа не е толку афирмирано во јавноста. За вториот дел од сезоната тимот се засилува со Фриско Сендиџ, Вест како и повратникот Керкез. Од Керкез сите го очекуваа она што најмногу ни фалеше, добар центар. Иако ги има сите предиспозиции за тоа, Керкез прераснува во најголемо разочарување. Сендиџ барем за класа ја крева играта на Вардар и се врзуваат неколку победи по кои се враќа надежта во тимот. И како што секогаш му се случува на КК Вардар, во највозбудливиот меч против Фени на домашен терен, Вардар загуби во продолженија. На крилата на навивачите се вративме по огромна негатива, пропуштивме победа, па гостите останаа без пола тим кој беше исклучен поради 5 лични, но и тоа не го искористивме. По овој меч си заминаа странците, а сезоната само рутински ја доигравме.

За актуелнава сезона 2014/2015 можеме да се пофалиме дека сме есенски шампиони, но во третата лига. Годинава му беше дозволено на КК Вардар да настапува во третата лига, додека клубот кој испадна од втора лига се прекрсти само во КК Апаве. Одново се работи за само еден ист клуб, исти играчи, со тоа што помладите играат во втора лига, додека поискусните во третата лига. Сите со нетпрение го очекуваа стартот на третата лига, а во истиот во Кисела Вода загубивме од Ангели со минимална разлика. На трибините Вардар доби поддршка од 70-тина членови на Комбат. Беше извадена одлична парола, која најдобро ја отсликува ситуацијата во Македонската кошарка.

Играчите на двете екипи ги поздравија навивачите за оваа парола. Како што споменав, со враќањето на Комбат во 2011, задолжтелно после секој меч се отпоздравува со играчите, а доста често има и скандирање меѓу играчи и публика како што се прави на мечевите на големите навивачки групи од Балканов. Камо среќа да имавме таква поврзаност и меѓу фудблерите на Вардар и навивачите. Вардарци не се откажаа после почетниот пораз. Напротив, во првото коло игравме со тукушто составен и прилично непознат тим, додека понатаму се засиливме со неколку играчи.

Се вратија Ѓорѓи Кочов кој е несомнено убедливо најдобар играч во третата лига, играат Миновски кој истотака е одличен во лигава, тука е Мартин Петровски како снајперот на екипата, тренерот Бране Андриевски кој годинава ја има улогата на играч и скоро на секој меч постигнува над 20-тина поени, младиот Филип Јанковски Струја кој беше еден од најдобрите во Јуниор лигата, а сега е еден од подобрите во младите категории на Вардар, повратникот Владимит Петровски како и дел од играчите од младинците.
1. Милорад Миновски 1988
2. Ѓорѓи Кочов 1984
3. Мартин Петковски 1990
4. Бранко Андриевски 1979
5. Филип Јанковски (двојна од Апаве) 1996
6. Дамјан Робев (двојна од Апаве) 1997
7. Борче Шутаров (двојна од Апаве) 1996
8. Горан Мирковски 1990
9. Давор Димески 1996
10. Филип Дуковски 1994
11. Славијан Трајковски 1994
12. Бојан Пападинов 1995
13. Драган Ангелов 1993
14. Иван Јанков 1991
15. Владимир Петровски 1991
16. Иван Давитковски 1990
17. Дарко Костески 1985

Костески го изигра само дерби мечот против Академија ФМП кој се одигра пред 200 гледачи во салата на факултетот за физичка култура во Скопје. Во одлична атмосфера, Вардар слаеше за да избие на првата позиција. Ги добивме сите останати мечеви со Феникс, Пробаскет, Марфил и последниот против Пантери, а Комбат беа присутни на сите домашни и гостински мечеви. Убаво е што се прави една ваква традиција да се навива на кошарка, особено што се работи за група составена од помлади членови. 
На сите мечеви беа извадени креативни пароли, беше славена секоја победа, за на крајот на полусезоната играчите да ги фрлат своите дресови во публиката.
Несомнено е дека годинава ќе имаме експресно пласирање во втората лига, затоа ве повикуваме да бидете присутни на мечевите од втората полусезона. 
За мечевите во трета лига можеме да кажеме дека само последниот против Пантери почна на време, другите сите беа со задоцнување од половина час до еден час. Лигата е рекративна, со оглед на тоа што секоја екипа располага со еден-двајца добри кошаркари, а останатите се дојдени чисто рекреативно. Екипите најчесто немаат ни тренер. Нормално, ова не се однесува на нашиот тим.
Сепак, и во оваа сезона имаме проблем со КФМ, откако на последниот меч му беше забрането извршувањето на работата на нашиот тренер Мирковски, поради сличите проблеми како во минатата сезона.


Младинските школи- гордост на нашиот кошаркарски тим!

Вардар е најтрофејниот тим во Македонскиот младински кошаркарски куп со освоени 4 титули во 6-те изданија на младинскиот куп. Тука се надоврзуваат 4 младински трофеи во првенството во последните 7 сезони, во кои се загубени и две финалиња. Финалето во минатогодишната сезона Вардар го имаше веќе добиено, но направи од готово вересија. Полуфиналињата се играа во Бутел и Вардар го совлада Шкупи на негов терен, по што играчите одвај спасија жива глава. Поради тоа, финалето со Карпош Соколи се одигра во Градски парк. На натпреварот беа пуштани само функционери од партијата на Стевче Јакимовски кој е спонзор на Карпош Соколи како и родителите на играчите на двата клуба, а единствено беа отстапени 50 карти позади кошевите за навивачката група Комбат. Вардар играше слабо и губеше катастрофално. Со огромната поддршка од Комбат, младите Вардарци направија пресврт и на пола минута до крајот водеа со 5 поени разлика. За наша несреќа промашивме 6 слободни фрлања, па Карпош соколи со само еден поен разлика ја доби пенал завршницата. Мекиќ беше трагичарот во финалето, откако најдобриот наш играч изигра слаб меч и не успеа да постигне поени. Годинава е дел од шампионот МЗТ Скопје.

Вардар во последните 10-тина години постојано вади одлични играчи, но повеќето набрзо потпишуваат за други клубови кои им нудат подобри финансии. Тука може да се вбројат браќата Стојановски, Димчевски и Симоновски, Крстевски, а на млади години забележителна улога имаа и Соколов и Александар Костоски. 
Клубот има преку 150 деца во неколку возрасни категории со кои се работи во моментов.
Условите за работа се одлични, Вардар има своја сала која е одлично опремена со сопствена теретана, сауна како и неколку соблекувални за играчите. Постојано се организираат младински кампови, често се оди и на турнири во странство, па главниот проблем доаѓа кога играчите треба да преминат во сениори и тука преминуваат во клубови кои им нудат поголеми финансиски средства. За воља на вистината, младинците кои освоија неколку двојни титули по ред, не ја искористија баш најдобро шансата во прва лига, и покажаа дека клубот не може да се потпре само на нив.
Последното што е најавено од клубот е првиот зимски кошаркарски камп во Македонија.

Се надеваме дека клубот ќе застане на здрави нозе во брза иднина, и дека конечно и младите играчи ќе ги добијат своите минути. Всушност ланските младинци сега играат во второлигашот Апаве за да имаат поголема конкуренција. После седум одиграни мечеви се наоѓаат на втората позиција со 5 победи и 2 порази.


Денот на Вардаровата кошарка!

Во 2010 година, беше организиран ден на Вардаровата кошарка. Најстариот клуб во Македонија им додели благодарници на Тутунска банка, Вардар Осигурување и Кјуби Македонија за успешна соработка, додека Еуроимпекс беше компанијата која доби признание за главен столб за активноста на нашиот кошаркарски клуб. Прославата почна со химната на КК Вардар (од која за жал немаме примерок), а манифестацијата ја водеше Лила Филиповска. Благодарница за 60 години посветеност на клубот му беше врачена на претседателот на клубот Владимир Воиновски, додека за 50 годишна активност благодарница доби Зоран Гапич. Владимир Воиновски веќе долги години е претседател и на спортското друштво Вардар.


Се надеваме дека со овој пост ви го привлековме вниманието кога се работи за КК Вардар. Уште посреќни би биле доколку дел од вас се преселат на трибините во пролетниот дел, за да им помогнеме на Комбат да изградат една нова традиција, традиција во која нема место за други бои, освен црвено-црните!


No comments:

Post a Comment